АЈДЕ, СИТЕ НИЕ ДА ГИ ИЗБЕРЕМЕ ЕДРАТА СО КОИ СЕ СТИГНУВА НАЈДАЛЕКУ!

субота, 10. август 2024.

Е – учење (пристап до ресурси, услуги, размена на идеи, соработка на далечина и др.)

 Е – учење

Дефиниција за e-учење  од Европската Комисија :

“Kористење на  нови мултимедијални технологии и Интернет за да се подобри квалитетот на учењето преку обезбедување пристап до извори и услуги, како и размена и соработка на далечина.” 

Oснувачите  на е-учењето ова “Е” го толкуваат поинаку.  Велат “E” има  пошироко значење, иако се однесува на Електронското учење:

 “Е” треба да е возбудливо (exciting),

енергично (energetic),

ентузијастично (enthusiastic),

емоционално (emotional),

екстензивно (extended),

извонредно (excellent)  и

едукативно (educational)

како дополнување на

електронско (electronic) учење. 

Електронско учење е тип на образование  преку компјутерска технологија и со вклучување на дигитални технологии.  (дигиталната технологија е поширок поим кој ги вклучува сите уреди и технологии кои користат дигитални сигнали, додека компјутерската технологија се однесува на примена на компјутери и софтвер за решавање проблеми.)

Многу  често ќе се сретнете со описот на  електронското учење како “педагогија вооружена со дигитална технологија” ("pedagogy empowered by digital technology")  Програмата на Е-учење е промовирање на ИКТ за  доживотно учење, а се фокусира на унапредување на повеќе компоненти:

-        промовирање на дигитална писменост,

-        зголемување на бројот на дигитални училишта и факултети,

-        промовирање на e-учење,

eTwinning на основни и средни училишта. 

Започнува со  достапност и поддршка на ученици од оддалечени региони кои сакаат да се стекнат со соодветна едукација, подржувајќи  лица со посебни образовни потреби, вклучувајќи ги сите категории на ученици, програмата прави низа активности за промовирање на дигиталната писменост. 

E-Twinning програмата овозможува мрежно поврзување на градинки,  основните и средните училишта ширум Европа  кои преку соодветен портал добиваат можност да учествуваат во едукативни проекти со нивните врсници и колеги од  други земји.

 Колаборативната оnline активност се совпаѓа со целта на Европската Унија за мултијазично и мултикултурно општество, а истовремено се унапредуваат дијалогот, меѓусебното разбирање, професионалните и обучувачките вештини на предавачите, како и можностите за колаборативно користење на ИКТ. 

Проектот eTwinning официјално беше лансиран во јануари 2005 на голема конференција во Брисел, на која учествувале 300 наставници, што е само мал дел од целиот наставнички кадар низ Европа, кој се брои во стотици илјади.

Проектот е со визија за образование на Европската Унија – да се зголеми соработката и меѓусебното учење меѓу Европските земји на сите  нивоа, почитувајќи ги националните одговорности за организација и структура на образовните системи. 

еТwinning беше конципиран со подвлекување на идејата да се искористи зголемувачкиот број на можности кои ги нуди ИКТ   за проширување на училишните хоризонти и овозможување да се искуси Европа без да се напушти училницата. Со еден клик, учениците и наставниците можат да соработуваат со своите колеги во други земји и да учат на било која тема едни од други. 

eTwinning, од 2007 година како дел од Comenius, програмата на EU за училишна едукација, ги надмина  сите очекувања во поглед на стапката на учество, што се должи делумно на „bottom-up‟ пристапот и флексибилниот дизајн, кој ги ослободува и вклучува инволвираните страни. Но најголем придонес во успехот има извонредната посветеност, ентузијазам и креативност на многу наставници и желбата на учениците е да имаат интеракција со своите пријатели низ Европа. 

eTwinning, им нуди на училиштата, инфраструктура за  колаборација, поддршка и идеи, како и цел ранг на можности за професионален  развој на наставничкиот кадар, а она што го прави уште поспецијален е елементот што го ставаат во проектот учениците и наставниците. Владите на државите може да направат многу да го охрабрат вистинското опкружување за електронско учење.

Степенот на имплементација на електронското учење, во едукативната и во бизнис сферата е обратнопропорционално со богатството на една земја. Колку што е посиромашна земјата, толку пофокусирани треба да се напорите да се поддржи електронското учење. 

Термините пак “Online Learning”, “Online Education” означуваат веб-базирано учење. Нови изрази кои го прошируваат нивното значење се “M-learning” со користење на мобилните технологии. Во секој случај, електронското учење е сеопфатно и ги поврзува технологијата и учењето кое се спроведува со помош на нејзино користење.

е-содржините може да се состојат од елементи: презентации, интерактивни презентации, анимации, симулации, видео записи, аудио записи, дијаграми, мапи и текстови. 

Содржините потребно е да имаат:  вградени функционалности во интерфејсот кои одговараат на возраста на корисниците, едноставна навигација, индекс на поими,  помош и насоки за користење на е-содржината, дополнителни информации за содржината, квизови за самопроверка на знаењата, тестови на знаење составени од различни типови на прашања, известување за точноста на дадените одговори, но и други елементи кои на содржината и даваат дополнителна вредност” 

Web 2.0 – е реалност на интернетот и вмрежувањето воопшто, каде комуникациите, колаборацијата, документирањето, генерирањето и интеракцијата се проширени и продлабочени во сите правци. Учењето може да се случи преку разговори и интеракција за проблеми и содржини.

Приврзаниците на социјалното учење тврдат дека најдобар начин да научиш нешто е да го предаваш на другите. Индивидуите континуирано креираат и споделуваат информации според нивните интереси и влегуваат во разговор едни со други.

Компјутерско оценување опфаќа автоматизирани тестови со повеќекратен избор, како и пософистицирани системи за компјутерско оценување. Некои системи овозможуваат автоматизиран но сепак индивидуализиран повратен одговор на специфични грешки на ученикот, или навигација на ученикот  низ серија на прашања соодветно на она што системот врз база на програмирање проценил дека ученикот  го знае или не го знае. 

Категоризација на комуникациските технологии кои се користат во e-учење е на асинхрони и синхрони.   Асинхроните активности преку блогови, дискусиони групи по социјалните мрежи, емаил пораки и форуми, означуваат возможност секој партиципант да биде вклучен и даде свој придонес во дискусијата без временска или просторна условеност со другите партиципанти.   Синхроните активности подразбираат размена на идеи и информации со еден или повеќе партиципанти во ист временски момент. Виртуелните училници и видеоконференциите често користат микс на комуникациони технологии. 

Kвалитетот на образовниот систем – како примарен креатор и дистрибутор на знаењето има институционалност и контрола. Комплексниот процес на знаење се состои од три фази: трансфер, асимилација  со интерпретација  и дистрибуција на информацијата. 

Сите овие фази се базирани на интелектуален капацитет и со нивно подржување на индивидуален и колективен план, се создава знаењето со непроценлив квалитет. Општеството треба да учестува не само како спроводник на информации, туку треба да обезбеди и дисперзија на информациите низ процесот на социјализацијата. 

Електронското учење бара поголема созреаност и самодисциплина од учениците отколку традиционалниот тип на едукација, што го објаснува поголемиот број на ученици кои се откажуваат од e-учењето  во споредба со конвенционалното  учење. Учењето е претежно социо-когнитивна активност. 

Не секој ученик ќе го смета електронското учење соодветно на неговиот стил на учење. На некои ќе им биде здодевно или застрашувачки да работат со компјутер, други сметаат  дека ваквиот начин на учење е интересен и ефективен, но сепак го преферираат традиционалното учење, поради реалното искуство и дружење во училиштето .
Двата вида учење имаат свои предности и свои недостатоци.