Курсот “Student councils in action: developing a
democratic school culture” (Ученичките совети во акција: развивање
демократска училишна култура) е наменет за наставници кои сакаат да ја
поттикнат активната улога на учениците во училишниот живот и да придонесат за
создавање демократска, инклузивна и соработлива училишна средина.
Преку
овој курс се запознаваме со значењето на
ученичкото учество во донесувањето одлуки и со улогата на ученичките совети во
развивањето демократски вредности. Се истакнува дека учениците не треба да
бидат само пасивни учесници во образовниот процес, туку треба да имаат можност
слободно да го изразуваат своето мислење, да предлагаат идеи, да укажуваат на
проблеми и активно да учествуваат во подобрувањето на училишниот живот.
Посебно
внимание се посветува на формирањето и функционирањето на одделенските совети,
како важен прв чекор кон поголемо ученичко учество. Преку нив учениците учат
како да дискутираат, да ги слушаат и почитуваат мислењата на другите, заеднички
да донесуваат одлуки и да преземаат одговорност за нивното спроведување. Исто
така, се истражува како одделенските совети можат да се поврзат со ученичките
совети и пошироките процеси на развој и унапредување на училиштето.
Курсот
нуди практични насоки за тоа како наставниците можат чекор по чекор да
организираат и водат состаноци на одделенските совети, како да ги охрабрат
учениците да учествуваат и како нивните предлози и идеи да станат дел од
реалните училишни активности. Се нагласува и важноста на соработката меѓу
учениците, наставниците и раководството на училиштето при создавањето позитивна
демократска училишна култура.
Курсот се
реализира онлајн, со самостојно учење, без фиксни рокови и задолжителни
состаноци. Учесниците ги совладуваат содржините и ги изработуваат предвидените
активности во време и темпо што им одговара. По успешно завршување се добива
дигитален сертификат.
Главната
порака на курсот е дека демократската
култура во училиштето се гради преку активно учество на учениците, почитување
на нивниот глас и вклучување во донесувањето одлуки. На тој начин училиштето
станува место каде што учениците не само што учат за демократијата, туку
секојдневно ја практикуваат. Целта е да израснат во самостојни, критички
настроени и одговорни личности, кои ќе знаат да размислуваат со своја глава, да
ги препознаваат вистинските вредности и да носат одлуки врз основа на
сопствените убедувања. Да не дозволат да бидат инструмент во туѓи раце, ниту да
веруваат во ветувања за успех без труд и одговорност, туку свесно и слободно да
го избираат својот пат, без некој да одлучува наместо нив и против нивната
волја

